Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 79-тото Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со Александар Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан, а на неа како што соопштија од претседателскиот кабинет била потврдена американската поддршка за македонските евроинтеграции.
Како што информираат од Кабинетот на претседателката, на средбата Сиљановска Давкова ја потенцирала важноста на стратешкото партнерство и пријателство со САД и изразила очекување за засилување на поддршката од официјален Вашингтон за што побрз почеток на пристапните преговори со ЕУ.
„Претседателката Сиљановска Давкова укажа дека во интерес на двете земји и регионот на Западен Балкан е наскоро да бидат отворени првите поглавја во македонските преговори со ЕУ и дека САД ќе имаат конструктивна улога во тој процес, што е важен и поради глобалните безбедносни предизвици. Таа изрази надеж дека Европската Унија ќе почне да ги почитува сопствените одлуки кои укажуваат дека билатералните прашања не смеат да го блокираат процесот на проширување“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Касаноф ќе ја продолжи работата на евроатлантските интеграции на Западен Балкан
Меѓудругото се додава дека, американскиот заменик помошник државен секретар Александар Касаноф порачал дека претседателката Силјановска Давкова и владата во Скопје може да сметаат на поддршката од САД во обидот да се пробие блокадата со која што се соочува земјата на патот кон ЕУ.
На средбата Касаноф упатил благодарност за македонската воена и техничка поддршка за Украина која што ја потврдува позицијата на земјата како кредибилна земја партнер на САД и членка на НАТО.