Бугарските пратеници едногласно со 178 гласа „за“ и без расправа донесоа декларација „во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу Република Северна Македонија (РСМ) и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од владејачки политички фактори во РСМ“.
Во декларацијата, Националното собрание на Бугарија ја потврдува политичката намера и стремеж за завршување на изградбата на Паневропскиот Коридор 8 од бугарска страна и ја повикува Владата на Република Северна Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на коридорот на нејзина територија.
Бугарскиот парламент инсистира на враќање на позитивниот дијалог прекинат од РСМ и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија во РСМ.
Декларацијата ја потврдува волјата на бугарската држава и институции во однос на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, со оглед на богатата заедничка историја на двете земји.
Видете и ова: Бугарските партии сложни околу декларацијата за Северна МакедонијаНародното собрание исто така силно не се согласува со негирањето на заедничката историја на РСМ и Бугарија од страна на членовите на владата на Република Северна Македонија и смета дека тоа е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија од 2027 година.
Во преамбулата на декларацијата се апелира до институциите во Република Северна Македонија, во духот на европските вредности и слободи, „да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно би им наштетиле на односите меѓу двете земји и нивните граѓани“.
Декларацијата е донесена на предлог на проруската партија „Преродба“.
Односите меѓу двете соседни земји се влошени, откако на неодамнешната посета на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија, беше фотографирана заедно со бугарскиот колега Румен Радев без македонското знаме, туку само покрај знамето на ЕУ и Бугарија.