Најмалку 39 лица загинати во напади врз Газа

Оклопно возило вози, додека во позадина се гледаат оштетени згради, среде тековната копнена операција на израелската армија против палестинската исламистичка група Хамас, во Појасот Газа, 13 септември 2024 година.

Најмалку 39 лица загинаа во израелски напади врз Појасот Газа во изминатите 24 часа, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Палестинската новинска агенција Вафа објави дека на 26 септември загинале 13 лица, од кои шест во израелски ракетен напад врз куќа во Кан Јунис и седум во бомбардирање на училиштето Ал-Фалуџа во Џабалија.

Израелската армија објави дека извршила напад „против терористи кои дејствувале од командно-контролен центар во поранешниот училишен комплекс“. Овие тврдења не се независно потврдени.

Видете и ова: ЕУ ги повика Израел и Либан да потпишат прекин на огнот

Министерството за здравство во Појасот Газа, со кое раководи палестинскиот Хамас кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, објави дека од почетокот на војната со Израел се убиени 41.534 Палестинци, а 96.092 се ранети.

Израел соопшти дека 346 членови на израелските вооружени сили биле убиени во копнена офанзива започната откако палестинските екстремисти го нападнаа јужен Израел на 7 октомври од Газа.

Тел Авив претходно објави дека околу 1.200 луѓе биле убиени во тој напад на Хамас, а повеќе од 250 биле киднапирани и одведени во Појасот Газа.

Израелските власти веруваат дека Хамас таму држи уште 101 заложник.