Европската унија на 26 септември ги повика Израел и Хезболах поддржан од Иран, прогласен за терористичка организација од страна на САД, веднаш да се согласат на 21-дневен прекин на огнот.
Како што е наведено, повикот за прекин на огнот е „за да се обезбеди простор за дипломатија“ додека се интензивираат воздушните напади на границата меѓу Либан и Израел, а постојат стравувања од копнена инвазија во регионот.
„Ситуацијата меѓу Либан и Израел од 8 октомври 2023 година е неподнослива и претставува неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација“, се вели во изјавата на 27-члениот блок на 26 септември.
„Ова не е во интерес на никој, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан.
На маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк на 25 септември, САД, Франција и неколку сојузници работеа на дипломатските коридори за да соберат поддршка за 21-дневен прекин на огнот, како и за запирање на борбите во Појасот Газа, каде Израел се бори со друга група поддржана од Иран, Хамас - организација која е прогласена за терористичка од Соединетите Држави и ЕУ.
Видете и ова: САД и нивните сојузници бараат итен прекин на огнот меѓу Либан и Израел
Дипломатите велат дека прекинот на огнот ќе се однесува на израелско-либанската „Сина линија“ - демаркационата линија меѓу земјите, и ќе им овозможи на страните да преговараат за потенцијално дипломатско решавање на конфликтот.
„Ги повикуваме сите страни, вклучително и владите на Израел и Либан, веднаш да го поддржат привремениот прекин на огнот и да дадат реална шанса за дипломатско решение“, соопшти ЕУ.
„Потоа сме подготвени целосно да ги поддржиме сите дипломатски напори за склучување договор меѓу Либан и Израел во овој период, надоградувајќи ги напорите во последните месеци, што целосно ќе стави крај на оваа криза.
И покрај дипломатскиот притисок, Израел рече дека неговите напади во текот на ноќта погодиле, како што рече, 75 цели на Хезболах во долината Бека.
Израел соопшти дека се обидува да ја обезбеди својата северна граница за да им овозможи на десетици илјади жители да се вратат дома откако побегнале поради постојаната размена на ракети меѓу Хезболах и Израел.
Ројтерс го цитираше градоначалникот на либанскиот град Јунин дека во еден од нападите загинале најмалку 23 Сиријци, од кои повеќето биле жени и деца, кога била погодена трикатна зграда.
Извештаите не можеа да бидат независно проверени.