Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија денеска ја усвои декларацијата за односите со Северна Македонија, предложена од крајнодесничарската партија „Преродба“, пренесува државната новинска агенција БТА.
Партиите застапени во парламентот најдоа консензус и се обединија околу текстот на декларацијата, која со мали амандмански корекции е едногласно усвоена во комисијата.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, најави дека декларацијата ќе биде усвоена од Народното собрание на Бугарија на пленарна седница, денеска (26 септември).
Видете и ова: Борисов бара оставка од Николовски или крај на разговорите со Северна Македонија„Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да си сноси одговорност“, изјави Борисов.
Повод за вонредниот состанок и усвојувањето на декларацијата, како што се наведува, „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во Република Северна Македонија, кои имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во преговарачката рамка, што ќе и овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.
Односите меѓу двете соседни земји се влошени, откако на неодамнешната посета на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија, беше фотографирана заедно со бугарскиот колега Румен Радев без македонското знаме, туку само покрај знамето на ЕУ и Бугарија.
Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нотаПретседателката Сиљановска-Давкова во неодамнешен телевизиски настап рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.
Македонските власти најавија и протестна нота до бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, но тој одби да ја прими.
Коментарите од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски Александар Николовски во кои алудираат на „нецивилизирано однесување од страна на Бугарија и покажување мускули“ ги налути бугарските политичари од власта и опозицијата и предизвика остри реакции во бугарската јавност.