Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во текот на вчерашниот ден (25 септември) извршил над 60 надзори на цела територија на државата за почитувањето на владината одлука за ограничување на профитната маржа на основните прехранбени производи и нивно означување со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Од ДПИ информираа дека биле издадени осум прекршочни платни налози во висина од над 1.196.000 денари, а кај останатите субјекти постапките се во тек. Оттаму додаваат дека денеска се контролираат бурекџилниците, помалите маркети и останати трговци на мало.
„Излезени се 47 тимови на терен, односно 135 инспектори на ниво на цела Република Северна Македонија. Напоменавме и во текот на вчерашниот ден, дека толеранција нема да има и трговците имаат обврска да ја почитуваат Одлуката“, велат од Државен пазарен инспекторат.
Видете и ова: Над 120 инспектори проверуваат дали се почитува одлуката за ограничени маржиСо Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто.
По донесувањето на одлуката за ограничување на профитните маржи на прехранбените продукти, ДПИ е задолжен да ги контролира трговците на мало и на големо дали ја почитуваат одлуката што Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.