Унгарскиот премиер Виктор Орбан заедно со делегација од унгарската Влада, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава.
Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски, како што информира владината прес-служба, в петок ќе оствари официјална тет а тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.
Во Охрид полицијата презема неопходни безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај.
Видете и ова: Собранието го донесе Законот за заем од УнгаријаВладејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски важат за блиски со Орбан и неговата партија Фидес.
Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, за време на самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договори Северна Македонија да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра.
На 17 септември законот за унгарскиот кредит беше изгласан од Собранието.
Инаку, во Унгарија се наоѓа и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. По паѓањето од власт, додека во земјава се водеа повеќе судски случаи против него, Груевски во ноември 2018 избега во Будимпешта каде доби политички азил.
Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.