Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Њујорк, изјави дека нема ефективно решение за проблемот на Косово, додека, како што рече, не се променат околностите во светот и Србија не може да изнесе барања во согласност со меѓународното јавно право.
„Како што во современиот свет сè уште нема ефикасен лек за ракот, така е и за нашите проблеми во врска со Косово и Метохија. Да ги држиме работите под контрола и да можеме да живееме - тоа е наша обврска додека околностите во светот не се променат, кога ќе можеме да имаме барања во согласност со меѓународните норми на јавното право“, рече Вучиќ.
Еден ден претходно, за време на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), Вучиќ ги обвини западните земји за кршење на нормите на ОН и кршење на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и изјави дека во овој момент „нема правда за Србите на Косово“.
„Кога големите лидери овде зборуваат страсно и запаливо за потребата од украинска слобода, за почитување на ОН и нејзината Повелба, резолуција, се прашувам зошто не ја почитуваат Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 кога станува збор за територијалниот интегритет на Србија“, праша Вучиќ.
Видете и ова: Рускиот претставник во ОН доби медал од Вучиќ за противењето на Резолуцијата за СребреницаТој исто така истакна дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина и дека „во ниту една секунда тоа не го довела прашање, ниту тоа ќе се случи“.
Вучиќ за време на своето обраќање во ОН рече и дека Србија ќе остане посветена на дијалогот со Приштина под покровителство на ЕУ.
Резолуцијата 1244 на Обединетите нации, на која се повикува Белград, стави крај на војната во Косово. Меѓу другото, го пропишува мандатот на мировната мисија на НАТО КФОР, со цел заштита на сите граѓани на Косово.
Српската полиција и југословенската војска се повлекоа од Косово во летото 1999 година по потпишувањето на Кумановскиот договор, со кој заврши бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија.
Косово ја прогласи својата независност во 2008 година, која ја признаа Соединетите Американски Држави и поголемиот дел од Европската унија.