Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите Нации, денеска (25 септември) во Њујорк, го потсети светот на несигурната состојба на енергетската инфраструктура на Украина, која е немилосрдно погодена од руските воздушни напади.
Опасноста следната зима да биде брутална за милиони Украинци е голема, рече тој.
„Путин сака да ги остави во мрак и студ оваа зима, принудувајќи ја Украина да страда и да се предаде. Замислете ја, ве молам, вашата земја со исчезнати 80 проценти од енергетскиот систем - со толку уништен дел од системот. Каков живот би бил тоа?“, истакна Зеленски.
Нуклеарната централа Запорожје, најголемиот и главен извор на електрична енергија во земјата, е окупирана од руските сили од март 2022 година, а зголемени се стравувањата дека може да има некаков вид на радиоактивно истекување како резултат на борбите.
За време на неговиот говор, Зеленски целосно го обвини рускиот лидер Владимир Путин за планирање напади врз нуклеарни централи.
„Не дај Боже, Русија да предизвика нуклеарна катастрофа во една од нашите нуклеарни централи. Радијацијата нема да ги почитува државните граници и за жал, различни нации би можеле да ги почувствуваат разорните ефекти“, рече украинскиот претседател.
Видете и ова: Зеленски разговарал со Столтенберг за патот на Украина кон НАТОТој преупреди дека Москва ќе продолжи да се обидува да освојува територии надвор од нејзините граници и рече дека рускиот претседател Владимир Путин одлучил дека може „да прави што сака“.
“Мислам дека секој лидер, секоја земја што нѐ поддржува... гледа како Русија, земја која е повеќе од 20 пати поголема од Украина по територија, сè уште сака уште повеќе земја“, рече Зеленски.
Во својот говор, тој ги отфрли напорите на Кина и Бразил за ставање крај на руската војна во Украина.
„Кога некои предлагаат алтернативи, планови за договори со половина срце, таканаречени групи на принципи, тоа не само што ги игнорира интересите и страдањата на Украинците... не само што ја игнорира реалноста, туку и му дава на Путин политички простор да ја продолжи војната… Нема да ја зајакнете својата моќ на сметка на Украина“, порача украинскиот претседател во своето обраќање.
Кина се обидува да ги повика земјите во развој да се приклучат на мировниот план од шест точки што го издаде со Бразил, во мај.
Нивниот предлог повикува на меѓународна мировна конференција „одржана во вистинско време, признаена и од Русија и од Украина, со еднакво учество на сите страни, како и искрена дискусија за сите мировни планови“.
Зеленски ги повика глобалните лидери да застанат покрај неговата земја и да не бараат „излез“, туку „вистински, праведен мир“ по повеќе од две години војна.
Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Девет месеци подоцна, Зеленски објави мировен план од 10 точки за праведен крај на војната врз основа на основачката Повелба на ОН и меѓународното право. Москва го отфрли планот.