Повеќе од 40 тимови или повеќе од 120 инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), ротирани во различни градови, денеска (25 септември), проверуваат дали се почитува одлуката на Владата за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи. Ова го истакна директорот на ДПИ, Горан Трајковски на прес-конференција, одржана денеска (25 септември).
Тимовите на ДПИ денеска, рече тој, ги контролираат големите, а од утре ќе ги контролираат малите маркети и бурекчилниците. Задутре, пак, ќе се прават проверки кај трговците на големо. Ќе се проверува и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.
Трајковски апелираше да се почитува одлуката, без обиди на заобиколување на каков било начин и потсети дека ДПИ постапува по Законот за трговија каде казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра.
„Вчера бев на терен и видов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката и нејзината примена. Затоа, денеска сме на терен и ќе постапуваме по законските прописи и секој што не ја почитува одлуката денеска ќе биде казнет, а доколку има потреба во иднина ќе затвориме и дел од објектите што не ја почитуваат одлуката“, вели тој.
Видете и ова: По одлуката за намалување на маржата, се менуваат цените на производитеНагласи дека вчера во маркетите не видел никаков обид да се означат производите со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
„Насоката од ДПИ е да има јасно видлива ознака и да се прегледа дали се во рамките на ограничената бруто профитна маржа од 10 проценти сите производи кои се опфатени со одлуката“, рече Трајковски.
По донесувањето на одлуката за ограничување на профитните маржи на прехранбените продукти, ДПИ е задолжен да ги контролира трговците на мало и на големо дали ја почитуваат одлуката што Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.
Владата со ограничувањето на профитните маржи на околу 70 основни прехранбени производи очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Согласно одлуката на Владата, трговците требаше да ги обележат намалените производи со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5