Одложено судењето на обвинетите во случајот Бањска во Косово

илустрација

Основниот суд во Приштина одлучи да го одложи првото рочиште за случајот Бањска врз основа на обвинението покренато од Специјалното обвинителство на Косово против 45 лица за тероризам и тешки кривични дела.

Ново рочиште е закажано за 9 октомври, по барање на обвинетите, кои побараа дополнително време за подготовка. Огромното мнозинство од обвинетите се во бегство.

Претходно, под силно полициско обезбедување, во Специјалниот оддел на приштинскиот суд утрово беа доведени тројца од обвинетите - Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои беа уапсени непосредно по нападот, на 25 септември минатата година.

Судскиот процес го води судијата Арбен Хоти, а присутен е и специјалниот обвинител Наим Абази, кој предложи на останатите 42 обвинети, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, да им се суди во отсуство.

На ова се спротивстави адвокатот на обвинетиот Спасојевиќ, кој рече дека судењето во отсуство на 42 обвинети лица е невозможно и за тоа нема претпоставки согласно член 303 од Законот за кривична постапка.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања

Во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово, подиганто на 11 септември годинава, обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и истиот да го приклучат на Република Србија. Како резултат на насилството тој ден, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.

Водачот на терористичката група, Радоичиќ, се товари дека индиректно обезбедувал приходи од 2017 година до 24 септември 2023 година и тие пари ги претворил во недвижен и движен имот, при што дел од недвижниот имот префрлил на трети лица, со цел да го сокрие изворот на богатството.

Покрај косовскиот полицаец, Буњаку, во престрелката што уследи меѓу полицијата и српската група на 24 септември минатата година, беа убиени и тројца од напаѓачите, додека другите побегнаа во Србија.