Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пред Генералното собрание на Обединетите Нации порача дека Иран е подготвен да стави крај на својот нуклеарен судир со Западот и повика на прекин на војните во Украина и на Блискиот Исток преку дијалог. Пезешкијан рече дека присуството на странски сили во регионот „е привремено и води кон нестабилност“, и повика на поголема соработка меѓу соседните земји.
„Нашиот развој и напредок се меѓусебно поврзани“, рече Пезешкијан, нагласувајќи дека Техеран „се труди да ја заштити сопствената безбедност, а не да создава несигурност за другите.
„Ние сакаме мир за сите и не бараме војна или кавга со никого“, додаде тој.
Осврнувајќи се на последната ескалација на Блискиот Исток, иранскиот претседател уште еднаш ги осуди постапките на Израел.
„Природно слепиот израелски тероризам во изминатите неколку дена во Либан проследен со масовна агресија со илјадници жртви не може да остане без одговор“, рече тој.
Иранскиот лидер повика на прекин на огнот во Газа за „да се стави крај на очајното варварство на Израел во Либан пред да го зафати регионот и светот“.
Видете и ова: Бајден предупреди на „целосна војна“ по израелските напади врз ЛибанДодека Иран ја поддржува палестинската милитантна организација Хамас (прогласена за терористичка од САД и ЕУ) во Појасот Газа и шиитската милиција Хезболах во Либан, тој главно се воздржува во конфликтот откако Пезешкијан стана претседател на крајот на јули.
Претседателот, исто така, ја сигнализираше подготвеноста на Иран да ги продолжи нуклеарните преговори. За време на неговата изборна кампања, тој ја најави својата намера да бара подобри односи со Западот. Неговите советници и министри се искусни дипломати кои се стремат кон нови нуклеарни преговори, пренесува ДПА.
Иран е во голема економска криза откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор во 2018 година и повторно воведоа нови санкции. Разговорите за заживување на договорот се замрзнати со години. Раководството на Иран е се поизолирано поради политиката на Блискиот Исток и поддршката за руската војна против Украина.