Израелската армија соопшти дека извршила „целни“ напади врз Бејрут, а во нив, според либанското Министерство за здравство, загинале шест лица, а 15 биле ранети.
Според информациите од два либански безбедносни извори, пренесува Ројтерс, во нападот е убиен командант на Хезболах.
Либан претходно соопшти дека во израелските напади што започнаа во понеделникот, убиени се повеќе од 550 лица.
Во меѓувреме, поради нападите од северот на земјата бегаат илјадници луѓе.
Нападот врз Либан на 23 септември е најсмртоносниот по граѓанската војна во 1990 година.
Видете и ова: Франција побара итна седница на СБ на ОН за ситуацијата во ЛибанИзраелската војска најави дека ќе стори „сè што е потребно“ за да го оттурне Хезболах од границата на Либан со Израел.
Израелските напади врз областите во Либан кои се под контрола на Хезболах продолжија и денеска.
Конфликтот меѓу Израел и Хезболах се интензивираше по смртоносниот напад што на 7 октомври во Израел го изврши палестинската милитантна група Хамас, која од САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација. По ова почна израелската офанзива во Појасот Газа.
Групата Хезболах, поддржана од Иран, го напаѓа Израел и уверува дека ќе го прави тоа додека не дојде до прекин на огнот во Газа.
Сега, една година откако започнаа нападите врз Газа, Израел го префрла својот фокус на северната граница каде се соочува со напади на Хезболах.
Видете и ова: САД испраќаат војници на Блискиот Исток додека конфликтот меѓу Израел и Хезболах се интензивираНачалникот на израелската армија рече дека нападите врз Хезболах во Либан ќе бидат засилени.
„Ситуацијата бара постојана, интензивна акција во сите области“, рече началникот на Воениот генералштаб, Херзи Халеви.
Либанските власти соопштија дека во нападите загинале 558 лица, од кои 50 деца и 94 жени, а ранети се 1.835 лица.