Владата донесе одлука да се запре онлајн коцкањето во Република Северна Македонија, објави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Одлуката била донесе на денешната владина седница, објавија на социјалните мрежи и дел од останатите министри во Влада.
„Се донесе одлука за реализација на толкувањето од Собранието за престанок на важноста на нелегалните лиценци за онлајн коцкарници издадени од Владата на ДУИ, а со тоа и запирање на онлајн коцкањето во државата. Ги стопиравме штетните дозволи кои претходната Влада на ДУИ и СДСМ ги доделија на српски, црногорски и други фирми. Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште“, рече Меџити кој ваквиот чекор го најави и во неделното интервју на Радио Слободна Европа објавено на 22 септември.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Првиот вицепремиер обвинува дека нејасната законска процедура досега се користела за создавање нови компании за онлајн обложување, а „интерес имале поединци од врвот на ДУИ и претходната Влада“.
По завршувањето на владината седница, потврда стигна и од прес-службата на Владата, од каде велат дека одлуката е донесена поради „неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување“.
Владината одлука следува откако на почетокот на јули пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.
Тие сметаа дека овој член дозволува Државна лотарија да воспоставува неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање беше да се обезбеди прецизно толкување – дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.
Видете и ова: Коцката е фрлена за онлајн фирмите на Државна лотаријаВо пракса, денешниот владин чекор значи одземање на лицентите на трите компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик ги основаше заеднички со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие компании, државното акционерското друштво имаше 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.
Станува збор за компаниите „Државна лотарија – 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.
Потоа „Државна лотарија – Везув ДОО Скопје“, чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија – Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.