Со 83 гласа „за“ и 17 „против“, пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени со кои ќе се одбегнат предвремени локални избори за градоначалници во општините Аеродром, Гостивар и Сарај.
Станува збор за измени на Законот за локална самоуправа, кој е системски закон и потребно е двотретинско мнозинство – поддршка од најмалку 80 пратеници во 120-члениот парламент.
Покрај пратениците од владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди), уште од претходно, поддршка за овие измени најавија и пратениците од опозициската ДУИ.
Видете и ова: Ќе се избегнат ли предвремени избори за градоначалници?Пратениците од власта посочија дека станува збор за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври следната година.
Досегашното законско решение предвидуваше дека една општина може да има в.д. градоначалник најмногу шест месеци, но со измените сега ќе се овозможи в.д. градоначалниците во Аеродром, Гостивар и Сарај да ги предводат општините до следните локални избори.
„Имајќи предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални, продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Видете и ова: Со поддршка од ДУИ, по полноќ изгласана реорганизација на министерстватаТрите општини останаа без градоначалник по парламентарните избори што се одржаа во на 8 мај.
Дотогашниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети од ДУИ, стана пратеник, а поранешните градоначалници на Аеродром и Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари, со формирањето на Владата на крајот на јуни станаа министри за надворешни работи и за здравство.
Денешното гласање не е прво за кое е потребно двотретинско мнозинство во актуелниот парламентарен состав. 80 гласа „за“ беа потребни и за реорганизацијата на Владата со која се воведоа нови министерства. И тогаш, власта ја доби поддршката од опозициската коалиција на ДУИ.