По одлуката за намалување на маржата, се менуваат цените на производите

илустрација

Од денеска (24 септември), трговците на големо и на мало треба да ја намалат до 10 отсто маржата на основните прехранбени производи. Станува збор за 73 производи, со што цените треба да бидат пониски за десет отсто.

„Оваа мерка ќе трае некаде таму до крајот на октомври месец. Седумдесетина производи се практично производи коишто како резултат на овој закон се со намалени цени. Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа, во зависност на потребите на граѓаните. Ќе потсетам, производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на една анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи се најкористени во овој период од годината. Така ќе биде можеби и пред новогодишните празници, така ќе биде на пролет и цело време така ќе функционираме. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите“, рече денеска одговарајќи на новинарско прашање премиерот Христијан Мицкоски, на поставување камен темелник на спортска сала во Општина Ѓорче Петров.

Видете и ова: Државата ја скрои кошничката, граѓаните ги празнат џебовите

Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

На листата на таканаречената есенска кошничка се 73 производи меѓу кои - леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.

Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70% од прибавените количини во месец август 2024 од овие производи на листата.

Видете и ова: Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционира

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.

На тој начин, како што оценуваат од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.