Претседателот на Србија Александар Вучиќ во Њујорк му го врачи Орденот на српското знаме од прв степен на постојаниот претставник на Русија во Обединетите Нации, Василиј Небензја и Орденот на српското знаме од втор степен на неговите заменици во ОН, Ана Јевстињева и Марија Жболочкаја.
Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм напиша дека Србија се заблагодарува „за помошта што ни ја пруживте овде во Њујорк, за време на дискусијата за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница“ и дека се надева на натамошно зајакнување на соработката меѓу Србија и Русија.
„Тоа беше многу тешка работа, многу го ценам тоа и секогаш можете да го очекувате истото од нас“, напиша Вучиќ на Инстаграм вечерта на 23 септември.
Вучиќ претходно во Њујорк изјави дека ќе ги почести претставниците на земјите „кои беа на страната на Белград“ при усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите Нации во мај.
„Гледам дека некои полудеа затоа што им оддаваме чест на луѓето кои го штитеа меѓународното право и ја заштитуваа Србија. Ова е наша работа и наш внатрешен чин“, им рече Вучиќ на новинарите во Њујорк на 23 септември пред 79-та седница на Генералното собрание на Обединетите Нации.
„Секако, тука се Русите и Кинезите, и Никарагва и Мексико и Бразил, Индија, Обединетите Арапски Емирати, Конго, во зависност од нивото на поддршката“, додаде Вучиќ.
Видете и ова: Генералното собрание на ОН ја усвои резолуцијата за геноцидот во СребреницаВо мај, Генералното собрание на ОН усвои Резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Во геноцидот во Сребреница, извршен во јули 1995 година од страна на припадниците на Армијата на Република Српска, беа убиени најмалку 8372 Бошњаци.
За Резолуцијата гласаа 84 земји, 19 беа против, меѓу кои Русија и Кина, додека 68 земји беа воздржани. Резолуцијата против која лобираше официјален Белград, меѓу другото го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.
Резолуцијата се повикува на фактите од пресудите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Меѓународниот суд на правдата и домашните судови.
За геноцидот во Сребреница, повеќе од 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор, меѓу кои и политичките и воените лидери на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.