„Одлична и конструктивна средба“ Муцунски и Герапетритис заеднички ќе работат на обврските од Преспанскиот договор

Илустрација

Прашањето за примена на Преспанскиот договор било отворено на денешната прва билатерална средба на Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис. Муцунски средбата која се одржа во просториите на Мисијата на Грција во ОН во Њујорк, ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна.

Инфирмираше дека на неа се разговарало „многу повеќе за она што може да не обедини отколку она што може да не раздели“.

„Сметам дека во духот на добрата верба и во духот на почитувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународното јавно право заеднички ќе работиме сите да ги реализираме обврските кои што ги имаме. Зборувавме за коридорот 10, за енергетското поврзување, за стимулирањето на трговијата и деловната активност од двете страни за потребата од подобување на меѓусебните политички односи и за тоа како да го движиме процесот на европска интеграција напред, рече Муцунски.

Според грчките медиуми, Герапетритис и неговите колеги размениле мислења за реформската агенда и унапредувањето на процесот на интеграција на земјите од регионот во Унијата за време на мандатот на новата Европска комисија.

Дополнително, истакнувајќи ја политичката поддршка на Грција за ЕУ перспективата посочил, дека станува актуелна поради сегашните големи геополитички предизвици, но и нагласил дека за пристапувањето во Унијата постојат конкретни и фиксни обврски.

Видете и ова: Герапетритис: Власта во Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа

„Почитувањето на европското законодавство, придружено со цврстата посветеност на меѓународното право и посветеност на добрососедските односи е единствениот пат кој води до интеграција во европското семејство. Паралелно, посебен акцент треба да се стави на спроведувањето на реформите, особено во однос на консолидацијата на владеењето на правото и заштитата на човековите права. Грција е подготвена со сите свои сили да ја поддржи европската ориентација на земјите од Западен Балкан преку техничка помош и експертиза што ја стекна благодарение на нејзиното учество во Унијата повеќе од четири децении. Но, останува на самите земји да ги исполнат пропишаните критериуми, истакнал шефот на грчката дипломатија, пренесе државната агенција АНА-МПА

Муцунски го поканил грчкиот министер за надворешни работи Герапетритис кога ќе може да дојде во посета на нашата земја. - Протоколарно сега е на редот на посета од страна на Грција да ја посети државата, додаде Муцунски.

Министерот кажа дека засега нема најава за средби на претседателско или на премиерско ниво.

Муцунски и неговиот грчки колега учествуваат на активностите во рамки на 79. Генерално Собрание на ОН во Њујорк. Тука исто така е и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, а денеска допатува и министерот за здравство Арбен Таравари. Во Њујорк е и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но исто така и многу други светски лидери.