Русинките се соочуваат со притисок откако побараа враќање на сопрузите и синовите од Украина

Илустрација

Најмалку две од околу 20 сопруги и мајки на мобилизирани руски војници кои се бореле во Украина се обвинети за одржување на неовластен јавен настан пред Министерството за одбрана во Москва со барање нивните мажи да се вратат дома.

Жените биле повикани во полициска станица и сослушани откако развиле транспаренти со нивните барања.

Две од нив, Ана Богатченко и Анастасија Славиќ, беа обвинети, објави ОВД-Инфо, која го следи кршењето на правата во Русија.

Протестот во руската престолнина на 21 септември се совпадна со датумот пред две години кога претседателот Владимир Путин потпиша указ со кој се повикуваат мажи на, како што ја нарекуваат руските власти „специјалната воена операција“ во Украина.

Жените побараа средба со министерот за одбрана Андреј Белоусов и демобилизација на нивните најблиски.

Видете и ова: Кремљ: Европа ќе мора да изгради „нова безбедносна архитектура“

Откако жените рекоа дека ќе кампуваат пред зградата на министерството во текот на ноќта, полицијата насилно ги растера, а некои од нив накратко ги приведоа.

Во октомври 2022 година, Путин објави дека делумната мобилизација е завршена, но никогаш не потпиша соодветен декрет, јавно велејќи дека нема потреба од тоа.

Тој подоцна најави дека мобилизираните луѓе ќе останат во вооружените сили до крајот на конфликтот.

Отсуството на декрет за завршување на делумната мобилизација им овозможува на властите да ги задржат луѓето распоредени во Украина бидејќи правниот режим продолжува да биде на сила.

Откако Путин ја најави мобилизацијата пред две години, стотици илјади руски граѓани ја напуштија земјата, главно во Казахстан, Грузија, Монголија и Турција, за да избегнат да бидат повикани.