Министерството за здравство, кое го води милитантната организација Хамас во Појасот Газа, соопшти дека од почетокот на војната со Израел, која трае речиси една година, на територијата на Газа се убиени 41.431 лице.
Најмалку 40 лица загинаа во изминатите 24 часа, соопшти Министерството на 22 септември, додавајќи дека од 7 октомври минатата година во Појасот Газа биле ранети 95.818 лица, пренесе Франс прес.
Седум лица загинаа утрово во израелски воздушен напад врз училиште во северниот дел на Појасот Газа.
Нападот се случи еден ден откако 22 лица, главно жени и деца, беа убиени во напад на друго училиште во централниот дел на палестинската територија каде што се засолниле илјадници раселени Палестинци.
Видете и ова: Воздушни напади на Израел врз Либан, по ракетните напади на ХезболахАгенциите јавуваат дека израелската армија навела дека училишниот комплекс се користел како база на Хамас - милитантна организација означена како терористичка од САД и Европската унија.
Пред нападот, според израелската армија, биле преземени чекори за намалување на ризикот за цивилите.
Странските дописници јавуваат дека покрај седумтемина загинати во денешниот напад, тешко се повредени и други.
Во последните недели израелската армија нападна неколку училишни комплекси каде се засолниле раселените Палестинци, тврдејќи дека тоа се командни центри на Хамас.