Над 20 ранети во руски напад врз станбени згради во Харкив

Локални жители стојат во двор на оштетената станбена зграда по ракетниот напад во Харкив доцна на 21 септември 2024 година, среде руската инвазија врз Украина.

Повеќе од дваесет луѓе се ранети во руски воздушни напади врз станбен кварт во Харкив, соопштија украинските власти.

Дваесет и едно лице е рането, меѓу кои осумгодишник, двајца седумнаесетгодишни и неколку постари лица, пренесува АП, повикувајќи се на изјавите на локалниот гувернер Олех Сињехубов и градоначалникот на Харкив Ихор Терехов.

Бомбите кои паднале во населбата Шевченковски уништиле станбени згради со 16 и 9 ката, додека уште седум згради беа оштетени.

Видете и ова: Зеленски го почнува патувањето во САД со посета на фабрика за муниција во Пенсилванија

Ова беше втор последователен воздушен напад врз станбени области во Харкив. Ден претходно во бомбардирањето беа ранети 15 лица.

Според украинските власти, во двата напади биле користени воздушни бомби КАБ, модифицирано советско оружје кое со месеци предизвикува хаос во источна Украина.

Русија, исто така, лансираше 80 беспилотни летала и два проектили кон Украина во текот на ноќта меѓу сабота и недела, соопшти украинската воздушна одбрана.

Како што се наведува во соопштението, соборени се 71 дрон.

Војната во Украина влезе во третата година, откако Русија започна инвазија на соседната земја во февруари 2022 година.