Во судир на воено и цивилно возило на југозападот на Србија на 21 септември пет лица загинаа на лице место, меѓу кои три деца, а едно лице е тешко повредено, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Возачот на Војската на Србија, кој е осомничен дека предизвикал сообраќајна несреќа кај Рашка, доби притвор до 48 часа, информираат од МУП.
Имињата на загинатите не се објавени, но според возраста на загинатите што ги објави МУП, може да се види дека меѓу загинатите има и три деца.
Оваа информација за Српската радио-телевизија ја потврди директорот на Општата болница во Краљево, д-р Зоран Мрвиќ. Тој изјави дека лекарите се борат за живот на едно лице.
Борбеното возило „ПАСАРС“ на Војската на Србија на 21 септември се судрило со цивилно возило кај градот Ушќе на патот Краљево-Рашка, соопшти претходно Министерството за одбрана.
Судирот се случил околу 13 часот и 10 минути при извршување на редовни задачи во кои борбеното возило, одело кон Рашка во колона во придружба на воена полиција, велат од Министерството за одбрана на Србија.