Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината, при што има поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Во улицата спроти касарната поплавени се гаражи, дворови а сопствениците поставуваат соодветни бариери за заштита од водата да не навлезе во домовите. Поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот во овој дел од градот“, велат од ЦУК.
ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово веќе интервенираат со соодветна механизација- багери, но исто така дел од екипите на ТППЕ-Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти.
Видете и ова: На Дунав во Србија е воведена редовна заштита од поплавиКомандирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети изјави дека вечерва интервенирале со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде биле поплавени дворови, подруми и приземните катови од објекти.
„Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите“, вели Амети, пренесе МИА.
Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот.
Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација.