Адвокати во Британија кои застапуваат десетици наводни жртви на Мохамед Ал Фајед, поранешен шеф на познатата стоковна куќа Хародс во Лондон, на 20 септември објавија дека нивните клиенти тврдат дека тој силувал и сексуално напаѓал млади жени.
Според нив, тоа се случувало во поголемиот дел од 25-годишното работење на Ал Фаед, од 1985 година наваму, кога бил на чело на светски познатата стоковна куќа во Лондон.
Тие зборуваа на телевизиска прес-конференција во Лондон по документарниот филм на Би-Би-Си „Ал-Фајед: Предатор во Хародс“.
Најмалку 37 жени од Австралија, Канада, Италија, Малезија, Романија и САД досега излегоа со обвинувања за злоставување против египетскиот милијардер.
Во документарецот, кој се емитуваше во четвртокот, Ал Фајед, кој е роден во Египет, а почина минатата година на 94-годишна возраст, е обвинет за силување на најмалку пет жени во неговите имоти во Лондон и Париз и дека извршил серија други физички напади и во Хародс и надвор од него.
„Ќе разјасниме: Мохамед Ал Фајед беше чудовиште. Но, тој беше чудовиште овозможено од систем, систем што продре во Хародс“, рече водечкиот адвокат Дин Армстронг.
Видете и ова: Долги судења и мизерен надомест: слична судбина на жртвите од воени силувањаНекои од наводните жртви на Ал Фајед биле тинејџерки во времето на злоставувањето, од кои најмалку една имала 15 години, според документарецот на Би-Би-Си.
Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека била запознаена со минатите наводи и дека го испрашала Ал Фаед во 2008 година во врска со сексуалната злоупотреба на 15-годишно девојче, но обвинителите тогаш не отвориле случај.
Семејството на Ал Фајед не ги коментираше овие наводи.
Ал Фаед се пресели во Британија во 1960-тите. На врвот на своето богатство, тој го поседуваше хотелот Риц во Париз и фудбалскиот тим Фулам од југозападен Лондон. Се движеше во високите кругови на Лондон. Тој стана истакнат теоретичар на заговори по несреќата во Париз во 1997 година во која загинаа неговиот син Доди и принцезата Дијана.
Ал Фајед го продаде Хародс во 2010 година на компанија во сопственост на државата Катар.
Во изјава за Би-Би-Си, сопствениците на Хародс рекоа дека се „апсолутно згрозени“ од наводите за злоупотреба, но додадоа дека дури минатата година биле информирани за нив.