Израелската војска објави дека Ибрахим Акил, висок воен функционер на Хезболах, бил убиен во воздушен напад врз населба во Бејрут на 20 септември.
Хезболах, милитантната вооружена група поддржана од Иран, прогласена за терористичка организација од страна на САД, веднаш не ја потврди неговата смрт.
Во израелски напад во јужното предградие на либанската престолнина загинаа најмалку девет лица, а беа ранети речиси 60 други, според либанските здравствени власти, а беа урнати две станбени згради.
Израелската војска, исто така, тврди дека во нејзиниот напад биле убиени и други „врвни оперативци“ на елитните сили на Хезболах Радван, без да даде детали.
Видете и ова: Хезболах истрела 140 ракети кон ИзраелАкил служеше во највисокото воено тело на Хезболах, Советот за Џихад, и беше санкциониран од САД за неговата улога во двата терористички напади во 1983 година, во кои загинаа повеќе од 300 луѓе во американската амбасада во Бејрут и во касарната на американскиот марински корпус.
Израелскиот воздушен напад е најсмртоносниот таков напад на Израел врз либанската престолнина од војната меѓу Израел и екстремистите на Хезболах во 2006 година.
Овој напад се случи веднаш откако Хезболах го нападна северен Израел со 140 ракети.
Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах на 19 септември вети дека ќе продолжи со секојдневните напади против Израел и покрај овонеделната смртоносна саботажа на комуникациските уреди на неговите членови, што тој го опиша како „сериозен удар“.
Пејџерите на членовите на Хезболах масовно експлодираа оваа недела, при што загинаа најмалку 37 луѓе и беа повредени илјадници во Либан во напад што му се припишува на Израел.