Украинскиот Национален координативен центар за сајбер безбедност на 20 септември ја забрани употребата на апликацијата за пораки Телеграм за владини службеници, воен персонал и вработени во критичната инфраструктура од безбедносни причини.
Центарот го цитираше шефот на разузнавањето Кирил Буданов дека има „суштински информации“ дека руското разузнавање може да пристапи до кореспонденцијата и личните податоци на корисниците на Телеграм.
Но, Андриј Коваленко, шеф на Центарот за борба против дезинформации на Советот за безбедност, на Телеграм објави дека ограничувањата се однесуваат само на официјалните уреди, а не на личните телефони.
Телеграм е широко користен и во Украина и во Русија и стана критичен извор на информации по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Видете и ова: Француските обвинители треба да одлучат за следниот потег во случајот ДуровНо, украинските безбедносни претставници постојано изразуваа загриженост за неговата употреба за време на војната.
Со седиште во Дубаи, Телеграм беше основан од Русинот Павел Дуров, кој ја напушти Русија во 2014 година, откако одби да ги исполни барањата за затворање на опозициските групи на платформата „ВКонтакте“, која ја продаде.
Дуров беше уапсен по слетувањето во Франција во август, како дел од истрага за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и лажни трансакции на Телеграм.
Во соопштението на Советот за безбедност се наведува дека Буданов обезбедил докази дека руските специјални служби можеле да пристапат до пораките на Телеграм, вклучително и до избришаните, како и до личните податоци на корисниците.
Секогаш сум ја поддржувал и ја поддржувам слободата на говорот, но прашањето за Телеграм не е прашање на слобода на говор, тоа е прашање на национална безбедност“, рече Буданов.
Претседателот Володимир Зеленски, како и воените команданти и регионалните и градските власти, редовно објавуваат вести за војната и известуваат за важни одлуки на нивните канали на Телеграм.