Таравари: Одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана

Арбен Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека одлуката на Уставниот суд за „балансерот“ е избрзана, додавајќи дека „не ни требаат вакви тензични состојби“.

Според Таравари, владината коалиција имала договор прво да се донесе Законот за правична застапеност на сите заедници, меѓутоа не само етничка припадност, туку и за други категории.

Законот, како што рече, треба да се синхронизира со партнерите од коалицијата и да се пушти во парламентот.

„Уставниот суд, за жал, се судии кои што се избрани и иако судиите треба да бидат неутрални. Меѓутоа, мислам дека не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ пред да почне коалицијата дека треба да се договориме за Законот за правична застапеност на сите заедници и потоа „балансерот“. Меѓутоа, некако се избрза. Некој можеби сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми“, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по потпишување на договорот за грант меѓу Јапонската амбасадаа и Универзитетската Клиника за детски болести.

Тој останува на ставот дека „балансерот“ била добра алатка, меѓутоа во последно време доста злоупотребена.

Видете и ова: Ремонт на „балансерот“ за државно вработување или целосна замена?

Деновиве Уставниот суд одлучи да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат“.

Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Дарко Костадиновски, нагласи дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.

Видете и ова: Балансерот „замрзнат“ додека Уставен да одлучи дали е уставен

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.