Постигнат договор за испуштање на радиоактивна вода од Фукушима

илустрација

Кина и Јапонија постигнаа консензус за испуштање на радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

„Двете страни се согласија дека Јапонија треба да воспостави долгорочен меѓународен аранжман за мониторинг и да им овозможи на заинтересираните страни да спроведат независно тестирање и мониторинг“, се вели во соопштението на Министерството.

Се нагласува дека Кина за време на разговорите нагласила дека прво треба да се изврши независно тестирање пред „постепено“ да продолжи каков било увоз на јапонски производи од морска храна.

Пред десетина дена, јапонската компанија за дистрибуција на електрична енергија (ТЕПКО) го рестартираше пробното отстранување на остатоците од нуклеарно гориво од нуклеарната централа Фукушима.

Видете и ова: Улогата на нуклеарната енергија за постигнување на декарбонизација

Подготвителната работа, прва од ваков вид откако моќното цунами ја уништи централата во 2011 година, беше прекината на 22 август поради грешка во инсталацијата на опремата за екстракција, а на 6 септември ТЕПКО ги заврши проверките пред повторното стартување.

Работата за отстранување на отпадот, кој се состои од нуклеарно гориво и делови од инфраструктурата на централата, а се проценува на околу 880 тони, првично требаше да почне во 2021 година, но беше одложена поради пандемијата на коронавирус.

Во август минатата година, ТЕПКО почна да испушта прочистена радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, по што Кина воведе забрана за увоз на јапонски морски плодови.