Треба да се стави крај на етничкото гласање како вчерашното кое се случи во Уставниот суд истакна претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села. За него скандалозна е вчерашната одлука на Уставниот суд во врска со „балансерот“. Вели дека тоа е обид да се суспендираат сите одбранбени механизми кои се градени низ овие години, а имаат за цел да ги заштитат правата на граѓаните. Со „удирањето“ по балансерот се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава,
„Одлука што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на „балансерот“. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени со Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој Закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните, рече Села.
Тој смета дека минимум што во ваква ситуација треба да се случи е да се донесе закон според кој за сите закони донесени со Бадентер, Уставниот суд треба исто така да одлучува со Бадентер.
Видете и ова: Балансерот „замрзнат“ додека Уставен да одлучи дали е уставен
Вчера реагираа и од коалицијата ВЛЕН од каде исто така велат дека, веќе работи на решавање на проблемот со правичната застапеност на Албанците во институциите, но на, како што стои, „адекватен систематизиран и кодифициран начин“ најавувајќи нов закон.
Уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат.
На вчерашната седница (18 септември) Уставниот суд расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.