За речникот што го користат има само едно оправдување - оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив.
Вака денеска лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кој во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска -Давкова и Румен Радев, рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации и помизерни од нив се само нашите домашни слуги“.
Борисов во одговор на новинарско прашање смета дека македонските власти постапиле подло со бугарскиот претседател и министрите кои се сретнале со нив, и рече „Владата во земјава е формирана неодамна, па затоа можеби не се запознаени со државниот протокол“.
„Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите кои се сретнаа со нив, најдобронамерно, тоа не можам да го одречам. Навистина тие се од неодамна во Владата во Северна Македонија и работите околу протоколите не му се јасни на државниот протокол. Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување - извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“, рече Борисов.
Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нотаРеакции имаше и од други бугарските политичари. Станислав Балабанов од „Има таков народ“, коментирајќи го телевизиското интервју на Николовски во Народното собрание рече дека политичарите во Северна Македонија нема да ја видат Европската Унија со вакво однесување, нагласувајќи дека не разбира зошто бугарските политичари се револтирани, кога истите тие пред неколку години го укинале ветото за земјава.
„Политичарите во Северна Македонија нема да ја видат ЕУ со ова однесување. Северна Македонија нема да мириса на ЕУ, ако случајот стигне до ИТН, се додека не го поправат своето однесување, реториката и не ги почитуваат сите елементи од договорите“, рече Балабанов во Народното собрание.
Видете и ова: „Набуко“ од Верди за затоплување на односите меѓу Скопје и СофијаВо врска со изјавата денеска реагираа од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, од каде што велат дека „манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Република Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали“.
Претседателката Сиљановска-Давкова во неодамнешен телевизиски настап рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.