Премиерот Христијан Мицкоски, во придржба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Брисел. Мицкоски ќе присуствува на работен ручек што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што информира вчера портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек ќе стане збор за односите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, како и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, што го подготви Европската комисија и за реформиските агенди поврзани со него.
Дополнително, Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.
Доколку на средбите во Брисел стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече Мицкоски, тој е оној кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси.
Видете и ова: Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нотаНа новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.
„Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме преговорите, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија“, изјави Мицкоски.
Видете и ова: Мицкоски: Сега апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со БугаријаВо однос на идејата за уставни измени со одложено дејство, уште и наречена „француски предлог плус“, шефот на дипломатијата Муцински во гостување на националниот радиодифузен сервис МРТ1, изјави дека станува збор за надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба, со цел да бидеме апсолутно сигурни дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ повеќе нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат.
„Францускиот предлог плус“ предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но тие да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес. Ова, според неофицијални информации од МНР, е едно од решенијата што ги нуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјата на европскиот пат.
Инаку за време на престојот во Брисел, предвидено е Муцунски да се сретне и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и да се обрати на прием организиран во седиштето на Алијансата во Брисел.