Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Австралија денеска (18 септември) воведоа санкции против група ирански функционери поради нивната вмешаност во задушување протести и приведување луѓе по протестите за смртта на Махса Амини, Иранка која почина во притворот на моралната полиција во Техеран пред две годинипоради тоа што наводно не носела хиџаб, а чие задолжително носење е пропишано со закон во таа земја, пренесе агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Дваесет и двегодишната Махса Амини почина на 16 септември 2022 година во болница, откако беше уапсена. Нејзината смрт предизвика протести низ целата земја против законот за хиџаб и свештеничкото владеење.
Новите санкции опфаќаат десетина функционери обвинети за убивање и приведување демонстранти, задушување протести во 2019 и 2022 година и апсење новинари.
Новиот реформистички претседател на земјата, Масуд Пезешкијан, водеше кампања на бранот ветувања дека ќе го спречи вознемирувањето на жените од страна на моралната полиција. Сепак, по смртта на Махса Амини, се појавија видеа на жени и девојки кои трпат полициско насилство, објави АП.
Видете и ова: Семејството на Махса Амини во „домашен притвор“ на втората годишнина од нејзината смртМинатата година, тинејџерка која не носеше хиџаб беше повредена во неразјаснет инцидент во метрото во Техеран, а подоцна почина во болница. Активистите за човекови права и женски права рекоа дека во јули полицијата отворила оган врз жена која бегала од контролен пункт во обид да избегне заплена на автомобилот затоа што немала хиџаб.
Службеникот од американското Министерство за финансии, Бредли Смит, рече дека иранските лидери „и покрај мирните повици на иранскиот народ за реформи, ги удвоиле тактиките на насилство и принуда на режимот“. Тој додаде дека САД и нивните сојузници „ќе продолжат да преземаат акција“ за да ги идентификуваат и да ги повикаат на одговорност оние што се „одговорни за спроведување на суровата агенда на иранскиот режим“.
Санкциите, кои го блокираат пристапот до американските средства и банкарски сметки и ги спречуваат таргетираните луѓе и компании деловно да соработуваат со САД, во голема мера се симболични, бидејќи многу поединци немаат врски со Соединетите држави.
Мисијата за проверка на факти на Обединетите нации во март откри дека Иран е одговорен за „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Махса Амини. Исто така, беше откриено дека Исламската Република употребила „непотребна и непропорционална“ сила во задушувањето на демонстрациите што избувнаа по смртта на Амини и дека иранските безбедносни сили сексуално ги нападнале затворениците.