Источното крило на НАТО повика на колективна одбрана од руски беспилотни летала

Илустрација

Министрите за одбрана на источното крило на НАТО денеска (18 септември), повикаа на колективен одговор на заканите за нивниот воздушен простор од руски беспилотни летала и ракети насочени кон Украина, објави агенцијата АФП.

Од почетокот на инвазијата, во февруари 2022 година, Москва извршува речиси секојдневни напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Украина, вклучително и таргетирање области во близина на западните граници на Украина со членките на Европската унија и НАТО.

Романија и Латвија објавија претходно овој месец дека руски беспилотни летала и проектили летале низ нивниот воздушен простор за време на нападот врз Украина.

Министрите од деветте земји од источното крило на НАТО изразија „длабока загриженост поради повторените упади“ во воздушниот простор на сојузниците од „руски беспилотни летала и ракети“.

Тие, исто така, ја повикаа Алијансата да помогне во зајакнувањето на нивната способност „да детектираат, идентификуваат и, доколку е потребно, да ангажираат ниски и бавно летачки објекти“.

„Потребен е силен и координиран одговор на сојузничко ниво, како и брзо спроведување на ротирачкиот модел на НАТО за интегрирана воздушна и противракетна одбрана“, изјави романскиот министер за одбрана, Ангел Тилвар, за новинарите, по состанокот на министрите за одбрана во Букурешт.

Видете и ова: Литванија бара НАТО да ги соборува руските дронови над Балтикот

Таканаречената „Букурешка деветка“ ја сочинуваат Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија и Словачка. Претходно украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, побара од соседите на Киев да ги „истражат можностите“ за соборување руски ракети и беспилотни летала.

На почетокот на неговата регионална турнеја во Романија, тој ги опиша руските воздушни напади како „глобална закана“.

Романија распореди два борбени авиони Ф-16 за следење на руско беспилотно летало што прелета над нејзиниот воздушен простор кон Украина претходно овој месец. Овој инцидент повторно ја разгоре дебатата за тоа дали земјата треба да пресретне залутани руски беспилотни летала.

Сегашната правна рамка спречува такви ангажмани во мирнодопски услови. Од почетокот на руската инвазија на Украина, романските власти постојано известуваат дека на територијата на Украина се пронајдени делови од руски дронови.

НАТО, сепак, рече дека нема „индиции“ дека некој од инцидентите бил „намерен напад“ од страна на Русија против земјите на НАТО.