Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е осуден на 60 дена затвор, потврди денеска (18 септември) Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, Хрватска за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Кон обвинетиот, изречена е условна осуда со тоа што извршувањето на затворската казна се одложува за период од една година, а истата нема да се изврши под услов во тој период да не стори еден или повеќе прекршоци за кое има иста или потешка казна“, се наведува во соопштението.
Се додава дека Трифуновиќ е прогласен за виновен за две дела од Законот за јавен ред и мир и дека е должен да плати 150 евра за трошоците на постапката.
„Обвинетиот и застапникот на овластениот обвинител изјавија дека се откажуваат од правото на жалба, па пресудата стана правосилна на денот на донесувањето, 18 септември 2024 година“, изјавија за РСЕ од Општинскиот прекршочен суд во Сплит.
Сергеј Трифуновиќ на 16 септември, на граничниот премин со Србија, Бајаково-Батровци, бил приведен од хрватската полиција бидејќи, како што информираат хрватските власти, пред една година со објава на социјалните мрежи ги навредувал и омаловажувал полицајците.
„Објави текст со недолична содржина во кој наведува дека сплитските полицајци му изнудувале над илјада евра“, соопшти тогаш меѓу другото хрватската полиција.
Во објава на Инстаграм, српскиот претседател, Александар Вучиќ, апелираше до хрватските власти „да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи“.
Видете и ова: Вучиќ побара од Хрватска да го ослободи актерот Сергеј ТрифуновиќТој побара од претставниците на властите во Србија „да ги искористат сите дипломатски канали за да се обидат да се борат за правда и да се борат за слободата на Сергej Трифуновиќ“.
„Уапсен e човек кој е мој политички противник, основач на Движењето на слободни граѓани, но и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, за што е уапсен никој не разбра“, рече Вучиќ.
Минатата година Сергеј Трифуновиќ во Хрватска неколку пати добил прекршочна казна, пишуваат медиумите, бидејќи своето куче го шетал без надзор, односно без поводник и корпа.
Сплитската полиција во септември минатата година соопшти дека поради тие прекршоци, Трифуновиќ добил едногодишна забрана за влез во Европската економска зона, која ја сочинуваат земјите од Европската Унија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.