Уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат.
На денешната седница (18 септември) Уставниот суд расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Дарко Костадиновски, нагласи дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
„Клучно е да одлучиме дали оспорените одредби се согласно Устав, а на законодавецот е да најде начин да го операционализација тоа. Ако темелната вредност е во Уставот, како ние сме го укинале. Не сме укинале ничии права“, изјави Костадиновски.
Националноста, според Костадиновски, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот и потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.
Видете и ова: Балансерот останува на сила, но ќе се дебатира за негово укинувањеПо сопствена иницијатива, тој му предложи на судот да поведе и постапка и за регистарот, балансерот и носењето годишни планови за вработување во јавната администрација.
Уставниот судија Осман Кадриу, рече дека станува збор за едно „чувствително прашање од национална природа за припадноста на немнозинските заедници“ и во своето излагање издвои четири, според него, неспорни факти и неколку спорни наводи на кои даде свое мислење.
Ако се усвои иницијативата, според Кадриу, ќе се суспендира самото право на сите немнозинските заедници и „граѓаните ќе губат право и трпат штета на своите уставно загарантирани права“.
„Замислете ако се укине правото, тек тогаш ќе немаме никаква застапеност и правата на немнозинаките заедници ќе бидат укинати. Мора да констатирам дека ако тоа се случува и донесе одлука на штета на немнозинските задници ќе бидеме донесени како суд во една мошне штетна состојба за односите меѓу заедниците во државата“, изјави Кадриу.
Во однос на предлогот на ДКСК, судијката Ана Павловска Данева се осврна само на третиот навод за јавниот оглас, оценувајќи дека со тоа се оспорува правото на работа.
„Едно од основните права е правото на работа. Кажете, како не ми е оспорено правото на работа, ако во јавниот оглас се вели „смее да конкурира само Македонец“. Нели со тоа се прекршени правата на сите немакедонци. Тоа е противуставно и ниту си ги штитиме своите сонародници“, изјави Павловска Данева.
Според судијката Татјана Васиќ Бозаџиева, „балансерот“ не треба да се укине, туку да се замени со нова алатка што нема да генерира негативна дискриминација.
Видете и ова: Уставниот суд ќе расправа за „балансерот“Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.
Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.
Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.
Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.
Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.