Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен, во четврток, 19 септември, ќе организира работен ручек со лидерите на Западен Балкан, на кој ќе разговараат за реформските агенди во рамките на Планот за раст на Европската Унија за регионот.
Според портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, тоа ќе биде можност да се разгледаат односите со земјите од регионот и соработката во контекст на Планот за раст за Западен Балкан.
Писонеро потврди дека Европската комисија работи на проценка на реформските агенди што сите земји, освен Босна и Херцеговина, навремено ги доставија до Европската комисија. Усвојувањето на реформските агенди е предуслов за почеток на исплата на финансиската помош од ЕУ.
ЕК се уште нема точен датум кога би можеле да започнат првите исплати од овој финансиски пакет, иако има очекувања дека тоа би можело да биде во текот на есента.
Видете и ова: Нова Европска комисија: Балтичките држави добиваат моќ во услови на неизвесна иднина за проширувањетоОткако земјите-членки и Комитетот за претпристапна помош (ИПА) ќе дадат позитивно мислење, Европската комисија, според Ана Писонеро, може да премине на процесот на усвојување на реформските агенди поднесени од земјите од Западен Балкан.
„Пред првите исплати, Европската комисија ќе склучи и договори за поволности и заеми со секој од корисниците. Што се однесува до датумот на првата исплата, очигледно е дека тоа треба да се случи што поскоро, но не можеме да бидеме поконкретни во оваа фаза“, изјави Писонеро.
Босна и Херцеговина (БиХ), која го пропушти рокот за поднесување на реформската агенда, го испрати документот до Европската комисија два дена пред закажаниот работен ручек со претседателкатана Европската комисија.
Како што соопшти претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, документот ја докажува усогласеноста на реформите во Босна и Херцеговина потребни за добивање помош од Европскиот план за раст.
На работниот ручек ќе присуствуваат премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Видете и ова: Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен БалканПланот за раст за Западен Балкан е најамбициозниот финансиски пакет на Европската унија, вреден шест милијарди евра, кој има за цел да го удвои економскиот раст на тие земји во следните десет години. Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година. Од вкупната сума, две милијарди евра ќе бидат обезбедени преку грантови, односно неповратна помош, а останатите четири милијарди евра во форма на заеми со поволни каматни стапки.