Владата не само што го раскина договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна, туку дури и до три пати поголема од пазарната, изјави денеска (18 септември) премиерот Христијан Мицкоски.
„Што се однесува до договорот кој што вчера беше предмет на владина одлука, да тој е раскинат со владина одлука. Не само што е раскинат, туку договорот е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната и не само тоа, предвидени се трошоци за реновирање. Она што е предвидено, односно 2,28 милиони евра за киријата, тоа е само еден дел од договорот. Има и околу 1,7 или 1,8 милиони евра кои што се предвидени за реконструкција на самиот објект, бидејќи претходно тој објект бил користен за семејни веселби, прослави и друг тип на забава, а сега требаше да претставува седиште на Државна лотарија и затоа беше раскинат“, рече Мицкоски.
Тој меѓу другото напомена дека спротивно на законот биле издавани лиценци за приредување игри на среќа преку интернет, а предмет биле и друг тип на платформи, сето она кое што, како што посочи, претставува груба злоупотреба, кршење на законот и основа за кривична пријава.
Тој посочи дека до крајот на оваа недела или на следната владина седница во вторник ќе биде раскинат договорот, потенцирајќи дека секое основано сомнение кое постоело за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато.
„Во текот на вчерашната седница беше разговарано, денеска поради некои делови кои што треба да се доработат ќе биде на дневен ред на генерален колегиум и очекувам до крајот на оваа недела или веќе на следната владина во вторник и тоа да биде раскинато“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Лотарија го раскинува договорот за закуп на поранешниот ресторан за свадбиВладата вчера соопшти дека разгледала и усвоила информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија.
Станува збор за поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово, за кој во серијата истражувања за Лотарија, Радио Слободна Европа (РСЕ) откри дека договорот кој беше склучен е за сума од 2,6 милиони евра за период од 10 години. Тој беше склучен на 5 јули 2023 година.
РСЕ веќе пишуваше дека за овој договор на Државна лотарија со „Хеј ДООЕЛ“ се интересира и Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евраПрв сопственик на оваа фирма беше Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак беше ортак со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај. Како прв управител на „Хеј ДООЕЛ“, беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на тогашниот вицепремиер Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на поранешниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Подоцна, со промените во управувачката структура, Машовиќ стана управител на „Хеј ДООЕЛ“, а сопственоста на компанијата ја презеде Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ.
До август 2024 година, за 13 месеци, Државната лотарија му исплатила на Пуцко Петрол над 300 000 евра за закуп на деловниот простор.