Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, на 17 септември во Брисел одржаа одвоени средби со специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Косовскиот преговарач Бислими потврди дека ќе нема заедничка средба.
Ден претходно, портпаролот на ЕУ, Петер Стано, најави дека ќе се разговара за имплементација на Охридскиот договор, како и за други прашања кои влијаат на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.
Но, уште во петокот, на 13 септември, беше јасно дека тешко ќе дојде до заедничка средба поради несогласувањата околу агендата на состанокот.
Главниот преговарач на Косово, Бислими, кој е и вицепремиер, тогаш изјави дека прифатил учество на трилатерална средба, но оти Србија одбила.
Видете и ова: Претседателката и премиерот на Косово ги отфрлија барањата на ВучиќТој на социјалната мрежа Икс напиша дека Косово ја прифатило средбата според агендата што ја поставил посредникот во дијалогот, но Србија се обидела да наметне агендата „главно за внатрешна политичка употреба“.
Од друга страна, српскиот преговарач и директор на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека денеска во Брисел немало трилатерална средба со Приштина, бидејќи Бислими е тој што одбил.
По средбата со Мирослав Лајчак, Петковиќ изјави дека Белград „никогаш немал проблем да разговара и да има директни средби со приштинската страна“.
Како што пишува во соопштението на Владата на Србија, Петковиќ истакнал оти на трипартитна средба, Приштина можела да предложи какви теми сака.
„Бислими одби затоа што нашата делегација инсистираше на теми како Заедницата на српските општини и целосно спроведување на сите претходно постигнати договори“, рече Петковиќ.
Како што наведе, на средбата со Лајчак се разговарало за мостот Ибар, поштенските услуги, енергетиката, телекомуникациите, исчезнатите лица и интегрираното управување со граничните премини.
Тој рече дека зборувале и за „сеопфатните мерки“ што ги претставил претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Вучиќ во петокот презентираше неколку мерки и барања, меѓу кои и припадниците на српската заедница да се вратат во институциите што ги напуштија во ноември 2022 година. Тој побара и распишување нови избори во општините на северот на Косово, каде што моментално на власт се градоначалници Албанци бидејќи Србите ги бојкотираа последните избори.
Според европски извори, пак, двете страни се обиделе да ја диктираат агендата на трилатералната средба и не се согласиле со она што го барала другата страна. Во исто време, велат овие извори, Белград и Приштина го игнорирале првичниот предлог даден од европскиот посредник.
Видете и ова: ЕУ го поздравува барањето на Белград за враќање на Србите во косовските институцииПоследната средба на главните преговарачи се одржа во јули, неколку дена по патувањето на лидерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, во Брисел кога немаше заедничка средба помеѓу нив двајцата бидејќи косовскиот премиер одби.
Дијалогот меѓу Косово и Србија е во застој повеќе од една година. Во февруари 2023 година, лидерите постигнаа договор за нормализација на односите. Во март истата година беше договорен анекс за имплементација на договорот. Но, договорите не беа потпишани поради одбивањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
На секоја лидерска средба досега доминираа тензии. Последен пат двајцата се сретнаа на 14 септември 2023 година. Десет дена подоцна во Бањска се случи напад, кој дополнително ги зовре тензиите.
Главните преговарачи на двете страни во последната година во неколку наврати одеа во Брисел, но средбите суштински не ја променија ситуацијата. Често се случуваше да нема заедничка средба и рундите да завршат само со одвоени разговори со европскиот посредник Лајчак.