Избрана е фирма за компресорската станица на Клинички

Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје (фотоархива).

По завршување на рокот за пријавување на тендерот, Министерството за здравство соопшти дека е избрана фирма за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Станува збор за фирмата „Винора ДООЕЛ“ Скопје.

„Договорот ќе биде потпишан во наредниот период, согласно законските рокови. Инсталацијата и монтажата на опремата треба да се изврши во рок од четири месеци, сметано од денот на склучување на договорот, согласно објавените услови во тендерската документација и објавениот Оглас“, соопштија од Министерството.

„Винора“ беше и единствената фирма што достави понуда на огласот, иако првично три фирми пројавиле интерес. Јавното отворање на понудата се случи 12 септември, по што следуваше нејзина евалуација.

Видете и ова: Последен ден за пријавување на вториот тендер за компресори на Клинички

Дел од хируршките сали во Клиничкиот центар беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород. Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.

Пред овој тендер, беше распишан уште еден за нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи не пристигна ниту една понуда.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера изјави дека за функционирање на хируршките сали би било најдобро покрај нова копресорска станица, да се сервисира и зачува и старата како „бекап“.