Барањата на српскиот претседател Александар Вучиќ во однос на Србите на Косово не треба да се сфаќаат сериозно, изјави денеска (17 септември) косовската претседателка Вјоса Османи. Премиерот Албин Курти, пак, оцени дека овие барања се „неприфатливи“ и се дел од „агресивна кампања за нови конфликти“.
Османи рече дека Вучиќ навистина не сака враќање на Србите во косовските институции, туку дека само се обидува да го привлече вниманието на западните земји.
„Кога Вучиќ зборува за нивното (српското) враќање во институциите, тоа го прикажува само преку зборови и реторика со цел да го оттргне вниманието на демократскиот свет од она што всушност се случува – а, тоа се неговите напори, напорите на неговата влада и армијата, во постојана обука на паравоени сили чија единствена цел е насилство“, рече Османи.
Видете и ова: Вучиќ ги претстави барањата на Србија во однос на КосовоВучиќ во петокот презентираше неколку мерки и барања, меѓу кои и припадниците на српската заедница да се вратат во институциите што ги напуштија во ноември 2022 година. Тој побара и распишување нови избори во општините на северот на Косово, каде што моментално на власт се градоначалници Албанци бидејќи Србите ги бојкотираа последните избори.
Курти рече дека барањата и најавените мерки на Вучиќ се резултат на очај и дека „не се ниту рационални ниту мирољубиви“.
„Напротив, тие се дел од агресивна кампања за нови конфликти за кои, без сомнение, нема место во Косово“, рече Курти во првиот коментар по повикот на Вучиќ за враќање на Србите во косовските институции, што Европската унија го карактеризираше како позитивен чекор.
Во своето обраќање до медиумите, Османи изрази сомнеж дека барањата на Вучиќ се искрени и додаде дека косовските институции сепак мора да работат на тоа „сите граѓани, без разлика на етничката припадност, да бидат еднакви“.
„Тоа (недовербата во изјавите на Вучиќ) не значи дека ние како косовски институции не треба да работиме во тесна соработка со сите наши граѓани од српска националност, за тие, согласно законските процедури, да бидат присутни во сите косовски институции“ додаде Османи.
Видете и ова: ЕУ го поздравува барањето на Белград за враќање на Србите во косовските институцииИзлегувањето на стотици Срби од институциите на северот на Косово беше иницирано од Српската листа поради напорите на косовската Влада да ги укине регистарските таблички издадени од Србија за градовите во Косово. Српската листа е најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград.
Ова колективно напуштање на косовските институции, вклучително и на полицијата и на судските власти, беше поддржано од официјален Белград кој обезбеди месечен паричен надоместок за сите оние кои „останаа без работа“.
По ова, следеа бројни кризи на северот на Косово, а ситуацијата кулминираше на 24 септември 2023 година, кога вооружена група Срби ја нападна полицијата во Бањска кај Звечан, при што беше убиен еден полицаец.
Курти рече и дека барањата што претходно и ги поставил на Србија се „мирољубиви и рационални“ во споредба со барањата на српскиот претседател.
„Прво треба да разговараме за трите услови што ги поставив … предавањето на Милан Радоичиќ на косовските власти, потпишувањето на Договорот (за нормализација на односите) и повлекувањето на писмото од поранешната премиерка на Србија (Ана Брнабиќ), која рече дека не ја признава ниту независноста на Косово, ниту местото во ОН за Косово и дека не го почитува територијалниот интегритет на Косово“, рече Курти.
Видете и ова: Може ли Вучиќ да биде надигран во балансирањето?Минатата недела Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение за случајот Бањска против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ. Тој ја презеде одговорноста за овој напад и се верува дека е во Србија.
Во меѓувреме, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека Србија го повлекла писмото за таканаречените црвени линии испратени од Брнабиќ. Но, официјален Белград ниту ги потврди ниту ги демантираше овие наводи.
Минатата година Косово и Србија го прифатија Договорот за пат кон нормализација на односите, но неговата имплементација не е започната.
Косово инсистира овој договор да биде потпишан, иако ЕУ соопшти дека и без тоа, тој е правно обврзувачки за двете страни.