Пратениците во Грузија одобрија нови рестриктивни закони со кои се ограничуваат правата на ЛГБТ заедницата и се забрануваат културни настани како што се парадите на гордоста.
Гласањето беше бојкотирано од опозицијата што е одраз на поларизираниот политички пејзаж во грузиското општество пред националните избори закажани за октомври.
За време на седницата, група демонстранти пред зградата на парламентот во центарот на Тбилиси на 17 септември ги осудија законските измени оценувајќи ги како игнорирање на вистинските проблеми на грузиските семејства.
Со пакетот законски измени, кој беше претставен со наслов „За семејните вредности и за заштита на малолетници“, всушност се менуваат 18 актуелни закони, вклучително и за слободата на говорот и изразувањето, како и за радиодифузија.
Видете и ова: САД со нови санкции за повеќе од 60 Грузијци, меѓу нив и за двајца владини функционериСо измените се забрануваат собири на кои се промовираат лица кои се идентификуваа како пол различен од „неговиот или нејзиниот биолошки пол“, како и настани на кои се промовира истополовата ориентација или врски.
Иницијативата за овие законски измени ја покрена владејачката партија Грузиски сон, а беше усвоена со 84 гласа „за“ и нула „против“ со оглед на бојкотот на опозицијата.
Опозицијата го бојкотира парламентот уште од мај годинава кога пратениците на Грузискиот сон го одобрија нацрт-законот за „странско влијание“ што Грузијците и западните влади го споредуваат со закон за „странски агенти“ што го донесе Русија за да се справи со неистомислениците.
САД и другите западни земји изразија загриженост за законот, кој бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“.
Десетици илјади Грузијци демонстрираа против законот и покрај бруталната репресија. Повеќето демонстранти го нарекуваа предлог-законот како „руски закон“.
Видете и ова: Претседателката на Грузија го оспорува законот за „странски агенти“ пред Уставниот судЕвропската Унија реагираше на донесувањето на законот на тој начин што ги паузираше преговорите за пристапување на Грузија во ЕУ.
Во пресрет на изборите во Грузија на 26 октомври, грузискиот претседател Саломе Зурабишвили порача дека гласањето е избор помеѓу „да се биде роб на Русија или да се има соработка со Европа“.
Анкетите покажуваат дека Грузискиот сон останува единствената најпопуларна партија во земјата пред изборите.