Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Република Северна Македонија во овој блок.
Назначувањето се случило на владина седница одржана денеска (17 септември).
„Привилегија е да работам за европската иднина и стандард на живеење на моите сограѓани рамо до рамо со нашите стратешки партнери. Задачата ја земам со голема одговорност и чест. Патот може да ни е долг, но дестинацијата ни е конечна. Ние сме ЕУ“, порача Муртезани преку Фејсбук по назначувањето.
Видете и ова: Муртезани очекува првите пари од Планот за раст на ЕК да стигнат во септемвриЗа заменик на главниот преговарач е назначена заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
Според соопштеното по владината седница, Министерството е задолжено и да подготви нова одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.
Пред Муртезани, главен преговарач со ЕУ беше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој раководеше со поранешниот Секретаријат за европски прашања.
По формирањето на новата влада во јуни, Секретаријатот прерасна во Министерство на чие чело беше избран Муртезани.