Собранието денеска (17 септември) со 65 гласа „за“ го изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада.
Против Законот што го предложи Владата гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше. Законот беше донесен по скратена постапка.
Во текот на општиот претрес за законот на продолжението на 14-тата седница опозицијата обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг.
Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен и оти ќе се помогне на општините и на стопанството.
Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14-тата седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно беше изгласана и потребата тој да се носи по скратена постапка.
Ова беше повод за реакција од опозицискиот СДСМ, чија пратеничка група во четвртокот преку прес-конференција на која говореше партискиот лидер Венко Филипче ја повика власта да го повлече предлог-законот и да го поднесе во редовна постапка. Филипче изјави дека Законот за кредит од Унгарија е голем корупциски проект, за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.
Видете и ова: Сите општини конкурираат за парите од унгарскиот кредитПоради ваквата позиција, пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да закаже седница на ова собраниско тело, поради што интервенираше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Седницата на Комисијата ја закажа тој, а со неа претседаваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата и не учествуваа во комисиската расправа.
Инаку, според Законот, заемот од унгарската Експорт-ипорт банка ќе се повлече во една транша, а рокот за негова отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Во него се предвидува Северна Македонија да и плаќа на унгарската Експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.
Видете и ова: Мицкоски со Орбан договорил унгарски кредит од 500 милиони евраЗаемот од унгарската Експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Заемот беше договорен кон средината на јули од страна на пртемиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.