Германија ќе обезбеди дополнителни 100 милиони евра помош за Украина оваа зима, објави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на нејзината посета на Молдавија.
„Русија повторно планира „зимска војна“, со цел да го направи животот на Украинците што е можно понеподнослив“, изјави Бербок пред состанокот на министрите во Кишињев.
Русија изврши серија напади врз украинската енергетска инфраструктура, што предизвика долги прекини во снабдувањето со електрична енергија во некои делови од земјата.
Во јуни, Киев ја истакна потребата од повеќе системи за противвоздушна одбрана за да се обезбеди обновување на енергетската инфраструктура и нејзино функционирање за време на зимата, кога побарувачката е најголема поради ниските температури.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украинскиот премиер Денис Шмигал минатата недела ги претстави плановите за поправка и заштита на електроенергетскиот систем на земјата пред зимата, вклучително и зајакнување на капацитетите против напади со беспилотни летала и удари од фрагменти од проектили.
Шмигал рече дека сите болници и повеќе од 80 отсто од училиштата низ земјата се опремени со генератори, но сепак има „итна потреба од уште 1800 генератори со голем капацитет“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јуни изјави дека руските напади врз енергетските капацитети на Украина уништиле половина од нејзиниот капацитет за производство на електрична енергија од минатата зима.
Во почетокот на септември, ЕУ најави 40 милиони евра хуманитарна помош за Украина за да помогне во поправките, електричната енергија, греењето и домувањето пред претстојната зима.