Во вторник, на 17 септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го претстави новиот состав на Европската комисија, кој ќе има петгодишен мандат.
Таа реши да ја додели функцијата комесар за проширување на Марта Кос, кандидатка од Словенија. Но, таа официјално ќе биде именувана само доколку ја добие поддршката од Парламентот на Словенија и од Европскиот парламент.
Кос не беше формално номинирана од нејзината земја.
„Секој член на мојот тим ќе ги донесе своите искуства и перспективи во Европа“, напиша Фон дер Лајен на платформата X.
Ресорот за проширување е од особено значење за регионот на Западен Балкан бидејќи сите шест земји, плус Украина, Молдавија, Грузија и Турција, се во процес на проширување. Со исклучок на Косово, сите земји се кандидати, а некои се во преговори за членство.
Фон дер Лајен ги повика другите 26 членки на ЕУ, од кои секоја номинира потенцијален комесар, да го зголемат родовиот баланс меѓу номинираните.
Словенечките власти во последен момент го сменија кандидатот, за да и помогнат на Фон дер Лајен да го зголеми бројот на жени во комисијата, бидејќи тој беше помалку од една третина. Сепак, некои го сметаа барањето на Фон дер Лајен како нарушување на суверенитетот на земја членка на ЕУ.
Кандидатурата на Кос предизвика полемики во Словенија, бидејќи опозицијата не сака да ја поддржи, па дури и да закаже расправа во надлежната собраниска комисија.
Претседателот на Комисијата за европски прашања на словенечкиот парламент, Франц Брезник, кој доаѓа од опозицијата, одби на дневен ред да ја стави потврдата за именувањето на Кос. Поради тоа, Фон дер Лајен не можеше да предложи нова Комисија на 10 септември кога беше планирано, туку ја одложи за 17 септември.
Таа сега даде предлог, со очекување во меѓувреме и Словенија да ја заврши својата процедура.
Опозицијата во Словенија ја обвини Кос дека е соработник на комунистичката тајна служба на поранешна Југославија. Кос беше амбасадорка на Словенија во Германија и во Швајцарија. Претходно работеше и во Владата на Словенија како директор за односи со медиумите.
Составот на комисијата за вториот мандат на Фон дер Лајен ќе го одрази акцентот на колективната безбедност преку воведување на „полноправен комесар за одбрана“ додека блокот се бори со последиците од тековната војна во Украина и другите согледани закани, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Видете и ова: Фон дер Лајен треба да го претстави новиот состав на ЕврокомисијатаЕден ден пред планираното соопштение, францускиот комесар за внатрешниот пазар на ЕУ, Тиери Бретон, ненадејно поднесе оставка и побара од неговата земја да номинира некој друг во обид да ја натера Фон дер Лајен да и даде „наводно повлијателен ресор на Франција“.
Фон дер Лајен е задолжена за избор на ресорите на секој од 26-те кандидати.
Таа потенцираше дека при составот на ЕК и распределбата на ресорите водела сметка за постигнување баланс и во однос на половата и географската застапеност, па така во Комисијата ќе има 11 жени, што е околу 40 отсто.
Фон дер Лајен постави цели за Комисијата кои вклучуваат преглед на основите на безбедноста и дополнително зајакнување на одбраната на Украина во услови на две и пол години руска инвазија. Некои од другите итни предизвици со кои моментално се соочува блокот се заканите за трансатлантските односи, поделбите околу тековната војна на Израел со терористичката група Хамас назначена од САД и ЕУ во Појасот Газа и тензиите околу земјоделските, индустриските и еколошките цели на блокот, особено во светлина на Европскиот зелен договор усвоен во 2019 година.
Фон дер Лајен, исто така, постави приоритети како што се зајакнување на границите на ЕУ и пристап заснован на заслуги кон долго закоченото проширување на ЕУ.
Највисоката функција на Европската комисија е едно од трите клучни институционални претседателства, заедно со раководството на Европскиот совет, кои ги дефинираат општите политички насоки и приоритети на блокот и на Европскиот парламент.