Сиљановска - Давкова именуваше тројца членови на Советот за безбедност

Северна Македонија - Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска -Давкова за членови на Советот за безбедност ги именува Малинка Ристевска Јорданова,експерт за евроинтеграции, Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии и Владимир Спиридонов, експерт за климатски промени. Со именувањето на тројцата членови, Советот за безбедност на Република Северна Македонија е во полн состав, информираа од Кабинетот на Сиљановска - Давкова.

Претседател на Советот за безбедност е претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска - Давкова. Членови се претседателот на Собранието, Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, како и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Видете и ова: Гордана Сиљановска Давкова - универзитетската професорка во претседателска фотелја

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози на Собранието и на Владата.

Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Седниците на Советот за безбедност се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за тоа одлучува претседателот на Советот.