Мароканската полиција на 15 септември спречи неколку групи мигранти кои насилно се обиделе да преминат во шпанската северноафриканска енклава Сеута, соопшти Министерството за внатрешни работи на Шпанија.
„Некои се обидоа да ја пробијат граничната ограда, што се случуваше и претходно, но сега никој не успеа да премине на шпанска почва“, соопштија од министерството.
Се наведува дека претходно преку интернет се пренесени повици за преселба во Сеута, која е шпанска територија на тлото на Европската унија(ЕУ).
Мароканските власти уапсија 60 лица осомничени за поттикнување масовна миграција преку социјалните мрежи, објави мароканската разузнавачка агенција.
Локалните медиуми објавија снимки од луѓе во ридовите во близина на мароканскиот пограничен град Фнидек и зголеменото присуство на мароканската полиција.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Сеута и Мелија, две шпански територии во Северна Африка, со години се мета на мигранти и бегалци кои бараат подобар живот во Европа.
Во претходните години, мигрантите се обидуваа да се искачат преку бодликавата жица што ги опкружуваа градовите или да влезат во нив преку море.
Шпанските власти соопштија дека во август илјадници мигранти се обиделе да преминат во Сеута, вклучително и стотици млади луѓе кои се обиделе да препливаат и да ги заобиколат граничните контроли.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Мароко, полицијата оваа година спречила обид за миграција на 45.000 лица, од кои 11.000 кај Сеута и 3.000 кај Мелија.