ЕУ го поздравува барањето на Белград за враќање на Србите во косовските институции

Знаме на ЕУ (илустрација)

Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано ги поздрави деловите од обраќањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кои се однесуваат на враќањето на косовските Срби во институциите на Косово.

„Ја поздравуваме подготвеноста на претседателот Вучиќ да продолжи да учествува во дијалогот што го води ЕУ. Позитивно го гледаме повикот за учество на косовските Срби на изборите на Косово и реинтеграција на косовските Срби во сите косовски институции што ги напуштија во 2022 година“, се вели во писмената реакција на Стано.

Тој потсети дека ЕУ постојано го повикува Белград да го охрабри, а Приштина да ја олесни реинтеграцијата на косовските Срби.

Во своето обраќање на 13 септември, Вучиќ побара распишување локални избори на северот на Косово, враќање на Србите во полицијата и судството и повлекување на специјалните полициски сили од северот на Косово.

Исполнувањето на тоа барање е, според ставот на Србија, предуслов за напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел. Стано рече дека запаливата реторика и едностраните дејствија се спротивни на дијалогот.

„Тие се закануваат со нормализација на односите меѓу Косово и Србија и безбедноста на граѓаните“, рече Стано.

Видете и ова: ЕУ го поздрави подигнувањето обвинение за нападот во Бањска

Тој го повтори повикот на ЕУ за деескалација на ситуацијата и за целосно и итно спроведување на договорот. Тој ги повика двете страни да потврдат конструктивен ангажман во процесот на нормализација.

„Договорите за дијалог ги предвидуваат чекорите и процедурите за тоа да се случи, особено во согласност со косовската правна рамка. Во овој контекст, многу е важно спроведувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО)“, најави Стано.

Во оваа прилика тој ја потврди намерата на ЕУ да одржи рунда дијалог на ниво на главните преговарачи во вторник на 17 септември, но засега останува неизвесно дали ќе има заедничка средба.

Видете и ова: Купчан: Маневрите на северот на Косово се од корист за Курти, не и за државата

Како што јави Радио Слободна Европа (РСЕ), преговарачите Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина го потврдиле своето пристигнување во Брисел во вторник, а неофицијална потврда има дека одвоено ќе разговараат со претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.

Извори од Брисел наведуваат дека двете страни се обиделе да го диктираат дневниот ред на трилатералната средба, дека не се согласиле со она што го барала другата страна и дека го игнорирале првичниот предлог на европската агенда за разговорите.