Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме.
„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.
Видете и ова: МНР ќе го повика на разговор бугарскиот амбасадор за фотографите на Сиљановска-Давкова со РадевКако што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.
„Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано. Во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите што загинаа во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија. Но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш тоа беше убаво и европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме?“, рече Мицкоски.
За работата на Мешовитата комисија со Бугарија очекува разговорите да продолжат во духот на пријателството и добрососедство.
Видете и ова: Историската комисија со Бугарија со нови луѓе ќе се справува со стари политички проблемиСиљановска-Давкова и Радев на 13 септември ја имаа првата официјална средба откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава. По средбата беа лиферувани фотографии како двајцата шефови на држави се ракуваат пред бугарското и знамето на ЕУ, но без македонското знаме.
Тоа предизвика реакции во јавноста, а опозицискиот СДСМ обвини дека Северна Македонија доживеала „понижување и дипломатски дебакл“. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче порача дека тоа било „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.