Унгарското претседавање со ЕУ во фокус на Европскиот парламент

Европски парламент, илустрација

Од денеска(16 септември) до четврток во Стразбур ќе се одржи пленарно заседание на Европскиот парламент на кое централен настан ќе биде дебатата на европратениците со унгарскиот премиер Виктор Орбан, посветена на претседавањето на Унгарија со ЕУ.

Покрај пленарната сесија, за утре во Стразбур е предвидено претседателката на Европската комисија да ги презентира предлог-составот на новата ЕК и распределбата на ресорите меѓу еврокомесарите пред членовите на парламентарната Конференција на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи.

Заседанието ќе започне доцна попладнево со дебати за Стратешкиот дијалог за иднината на земјоделството во ЕУ, за проблемите со илегалната миграција и за појавите на антисемитизам, говор на омраза и злосторства мотивирани од омраза во Европа.

Утре (17 септември) заседанието на ЕП ќе продолжи со дебата на европратениците со претставници на Европската комисија посветена на последниот развој на настаните во Украина. Од оваа дебата треба да произлезе резолуција во која се очекува европратениците да ги повикаат земјите членки на ЕУ да продолжат со обезбедувањето воена и финансиска поддршка за Украина. Гласањето по оваа Предлог-резолуција е предвидена за в четврток.

Видете и ова: Што може да се очекува од унгарското претседателство со ЕУ?

Попладне заседанието ќе продолжи со дискусии за ситуацијата во Појасот Газа и на Блискиот Исток, за случувањата во Венецуела, за состојбата во Европската енергетска унија, за резултатите од министерска конференција на Г20 во Рио де Жанерио, како и за борбата против нееднаквоста.

В среда по дебатата со Орбан за програмата на унгарското претседавање со Советот на ЕУ во вторите шест месеци од годинава, европратениците ќе расправаат со претставници на ЕК и на Европскиот совет за правилата на Унгарија за издавање дозволи за престој на странци, вклучително и на државјани на Русија и Белорусија, за што некои членови на ЕП изразија „загриженост во врска со можните безбедносни ризици во Шенген зоната“.

Во продолжение е планирано да се одржи тематска дебата за ризиците од организираниот криминал по безбедноста на Унијата и нејзините граѓани, по што Советот на ЕУ пред пратениците ќе го презентира својот став за предлог-буџетот на блокот за 2025 година. Европратениците својата позиција во однос предложената буџетска рамка треба да ја утврдат во октомври, по што ќе следат разговори меѓу ЕП и Советот на ЕУ за усогласување на Буџетот за следната година.

В четврток, на последниот ден од парламентарното заседание, европратениците ќе дебатираат за последиците од сушите и екстремните временски услови врз локалните заедници и земјоделството на ЕУ, за пресудата на Судот на правдата на ЕУ во врска уплатата на даноците од страна на американскиот технолошки гигант „Епл“, како и за опасноста од кривично гонење на борците за заштита на животната средина и на свиркачите за еколошки прашања и потребата од нивна заштита.